Почитувани сограѓани,

Комората на психолози на Република Северна Македонија се приклучува кон и потполно ги поддржува мерките и насоките издадени од страна на Министерството за здравство и Владата на РСМ во однос на превенција и намалување на ризикот од проширување на инфекцијата со корона вирус во нашата држава.

Во таа смисла, сакаме да истакнеме дека во овие мигови, како и во периодот што следува потребно е да пристапиме кон ова прашање сериозно, рационално и совесно. Поконкретно, тоа значи дека секој од нас треба да покаже највисоко ниво на свесност и разум со цел да придонесе кон соочувањето со овој голем светски предизвик. Оттука, апелираме во потполност да се следат и почитуваат дадените насоки и превентивни мерки од соодветните институции, бидејќи само со индивидуален позитивен модел на однесување ќе можеме сите заедно да дадеме свој придонес кон заедничкото, општо добро. Ова е дотолку поважно во услови кога постои можност за кревање масовна паника меѓу граѓаните. Како професионалци, сосема сме свесни дека емоциите се составен дел од човековата природа и однесување, како и дека чувството на страв е очекувана последица од секојдневното соочување со новите информации, но нагласуваме дека во овие мигови пренагласените емоционални реакции, кои би довеле до панично однесување ќе имаат само контраефект и никако нема да придонесат кон надминување на проблемот.

Секој од нас е важен и секој може да придонесе кон градење на проактивна колективна свест. Тоа е нешто што на нашата земја во моментов најмногу ѝ треба. Оттука, смирениот став, рационалното однесување и совесното постапување на секој поединец е клучно и неопходно. Да им помогнеме на оние кои сега најмногу се борат за сите нас, меѓу другото и со тоа што нема да им одмагаме на каков било начин. Сигурни сме дека заедно ќе ја надминеме оваа состојба и ќе излеземе психички посилни.

Комора на психолози на РСМ